Милијардерот Илон Маск, сопственикот на Tesla и SpaceX, преку Твитер ја објави својата намера да го купи англискиот фудбалски тим Манчестер Јунајтед.




Во твитот, кој следеше друг, во кој Маск рече дека ја поддржува „левата страна на Републиканската и десната страна на Демократската партија“, тој напиша:




„Исто така, го купувам Манчестер Јунајтед, фала“.
Отпрво не беше јасно дали најбогатиот човек во светот е сериозен во намерата да поднесе понуда за преземање, но тој подоцна се јави со објаснување дека се работело за шега.




„Не, ова е стара шега на Твитер. Не купувам никакви спортски тимови“, одговори Маск на прашање на корисник на Твитер. Тој, сепак, додаде дека Манчестер Јунајтед е тимот за кој навива уште од дете и ако некогаш купи спортски клуб, тоа ќе биде Јунајтед.




Англискиот клуб, кој десет години котира на Њујоршката берза, е едно од најдоховните спортски друштва во светот и има пазарна вредност од 2,08 милијарди долари.