Спасовски се огласи за судирот Русковска – Муареми

Оливер Спасовски се огласи за судирот меѓу обвинителката и директорот на Управата за финансиска полиција

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека обвинувањата меѓу шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми штетно влијаат врз доверба во институциите.

– Ова предизвикува штета на граѓаните заради тоа што вербата во институциите се губи и секој кој носи било каква функција, мора да носи одговорност – етичка, морална…. Не може да се дозволи да се растурат институции од било кого и за тоа треба цврсто да застане секој заради тоа што ако се изгуби вербата во институциите, тогаш е најголемиот проблем.

Така што мора да се размислиме зошто институциите, обвинителство, судство имаат осум отсто доверба. Не верувам дека ова е начинот на којшто ќе ја зголемуваме довербата, изјави вечерва Спасовски во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија.

Повикот на шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска за помош од странските амбасади, особено од Европската унија и САД во судирот со директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми, се чини не наиде на одзив од дипломатските центри.

За писменото обраќање што таа го упати во кое тврди дека има притисоци од директорот на Финансиска полиција, од Канцеларијата на Европската унија во земјава во одговор за Радио Слободна Европа велат дека внимателни ги следат сите поврзани случувања, вклучително и јавните препукувања меѓу нив.

Обвинувањата меѓу Рускоска и Муареми траат извесен период, а Рускоска ги повика надлежните институции во државата и меѓународните институции и амбасади „да ги проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“.

Нејзината реакција уследи откако директорот на Финансиската полиција најави дека ќе поднесе кривична пријава против неа и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Од Европската комисија во изјава за МИА порачаа дека внимателно ги следат сите случувања со меѓусебните јавни обвинувања меѓу Рускоска и Муареми и дека ова прашање треба да го решат надлежните институции

Leave a Reply

Your email address will not be published.