Мал авион принудно слетал на автопат во Словенија

Принудно слетал на автопат во Словенија

Словенечките медиуми известуваат дека помал авион принудно слетал на автопатот кај Брежје во правец кон Јесеница во Словенија.

Како што соопштила полицијата, во авионот имало две лица, кои не се повредени. Од таму додаваат дека е обезбеден делот од патот каде што е извршено принудното слетување.

Според Словенечката служба за безбедност и спасување, околу 14.30 часот добиле дојава дека авионот принудно слетал на автопатот. Според извештаите, авионот при слетувањето удрил во насип и се превртел.

Луѓето што биле во авионот успеале сами да излезат од него.

На терен се пожарникари од Крање и Јесенице, како и членови на доброволната противпожарна служба од Радовлица.

Како што беше кажано на аеродромот во Леска, авионот полетал од нивната писта и сѐ било во ред додека не ја изгубиле комуникацијата со него. За време на летот, пилотот се приклучил на фреквенцијата на словенечката служба за контрола на летањето.

Според информациите до кои дошле локалните медиуми, авионот имал проблеми со моторот. Пилотот пријавил дека принудно слетал и тоа го направил на автопатот.

Понатамошната истрага ќе утврди дополнителни детали во врска со овој настан.

Засега е познато дека авионот летал на околу 300 метри надморска височина, на подрачје што не е контролирано од словенечката контрола на летање и каде што претежно летаат спортски авиони.

Сообраќајот на овој дел од автопатот се одвива по една коловозна лента, а метеж е создаден и во правец кон Јесеница.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *