Никола Димитров: Премногу зачести употребата на „северномакедонци“

Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, се огласи преку социјалните мрежи за користењето на терминот „северномакедонци“ и изрази загриженост дека овој термин премногу често започнал да се употребува од странски функционери во последно време.

„Во последно време зачести употребата на непостоечкиот термин „северномакедонци“ од страна на претставници на земји – наши пријатели, кои го поддржуваат Преспанскиот договор.

Но, еден од двата клучни столба на компромисот на Преспанскиот договор, е токму самоопределувањето како Македонци кои зборуваат македонски јазик, нешто што самиот Договор го гарантира.

Со други зборови „Северна Македонија“ е можна само доколку во неа живеат Македонци, заедно со своите сограѓани и тоа така мора да се почитува“, напиша Димитров.

За поранешниот вицепремиер за евроинтеграции тоа претставува навреда за Македонците и прекршување на правилата од Преспанскиот договор. Ги повика институциите поревносно да реагираат кога ќе се употреби овој, како што вели тој, измислен поим.

„Затоа секоја употреба на терминот „северномакедонци“ освен што е навреда за Македонците е и подривање на Преспанскиот договор. Очигледно е потребен далеку посериозен фокус на нашата дипломатија за овој недвосмислен наратив да се промовира во меѓународните односи и да се превенира оваа појава бидејќи се чини дека во последниве месеци тоа никој не го работи.

Тоа е недозволиво. Особено имајќи предвид дека во овој период една земја членка на ЕУ и наш сосед директно го негира токму македонскиот идентитет и јазик.

Мора да се работи и проактивно, но и редовно и ажурно да се реагира на секоја погрешна употреба без исклучок се’ додека меѓународната пракса не биде целосно на линија со одредбите на Договорот“, додава тој.

Leave a Reply

Your email address will not be published.