Наплатата на паркинг преку СМС-порака повторно во функција
ЈП „Градски паркинг“ – Скопје ја известува јавноста дека успешно заврши процесот со надградба на системот за зонско паркирање со цел подобра и поефикасна услуга. Проблемот со наплаќање преку СМС-пораки е решен.




Економскиот оператор задолжен за надградба на овој систем, во соработка со мобилните оператори, деновиве работеше на надминување на проблемите при наплата на паркинг преку СМС, соопштија од оваа институција.
„До корисниците на нашите паркинг-услуги упатуваме извинување, воедно оштетените корисници ги повикуваме да поднесат барање за обесштетување. Барањето може да го поднесат писмено преку е-пошта на infogradski@gradskiparking.com.mk, каде што ќе ги остават своите податоци – име и презиме, број на регистерска табличка, дата и време на паркирање, телефонски број од кој е извршена наплатата, како и зоната каде што било паркирано возилото“, се истакнува во соопштението.
Проблемот со наплатата преку СМС-порака, кој главно се должеше на нефункционалност кај претплатниците на мобилниот оператор „А1 Македонија“, е надминат уште во понеделникот, меѓутоа оставивме тест-период од три дена за со сигурност да ги информираме корисниците на паркинг-услугите дека системот е надграден и е во целосна функција, појаснуваат од ЈП „Градски паркинг“.