Мелничарите со предупредување – ако државата не помогне, можно е населението да остане БЕЗ ЛЕБ

Ако Владата не помогне, можно е да дојде до целосно колабирање на дејноста и населението да остане без леб, предупредуваат мелничарите.

Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, Горан Малишиќ, истакнува дека пекарниците се соочуваат со загуби и со недостиг на средства за навремено обновување на залихите, а ќе бидат принудени да вршат и уште поголеми набавки од странство, по повисоки цени, зашто жетвата на домашната пченица потфрлила и во квантитет и во квалитет.

Малишиќ апелира Владата да се потруди да ја изрегулира цената на електричната енергија за индустријата како што прават другите држави – со фиксирана цена или како во Србија – со загарантирана цена за индустријата со 72 евра за мегават час, како и да овозможат регулирани и евтини цени за гасот и другите енергенси.

Мелничарите имаат уште еден предлог за кој засега, велат, немаат согласност од Владата – земјоделците да добијат плус два денара по килограм за предадено и платено производство на пченица во лиценциран откупувач-преработувач за жетвата 2022. Целта на ваквата мерка, објаснува Малишиќ, е поттик за земјоделците да посеат повеќе лебно жито во октомври и ноември, со поквалитетен семенски материјал и подобри ѓубрива, за следната жетва во 2023 година да биде со подобар и поквалитетен принос.

„Се додека како една од најважните индустрии за прехрана на населението сме оставени сами да се бориме со цените на електричната енергија и енергенсите, без помош од Владата, ние ќе одиме во загуби и ќе се соочиме со престанок на дејноста и што е најстрашно, ќе го оставиме населението без леб“, потенцира Малишиќ.

Според него, поскапувањето на лебот и белите печива е неминовно во ситуација кога континуирано се зголемува цената на електричната енергија и природниот гас.

„Во август во однос на јули цената на гасот порасна 100 отсто, а на струјата го достигнува дневниот пик и до 500 евра за мегават час плус 10 отсто на отворениот пазар. Многу мали и микро пекарници кои беа на регулираниот пазар како домаќинствата, од јули годинава влегоа во блок тарифата од четврта група со највисоки цени со што им се зголемија сметките за струја за над 200 отсто.

На сите овие поскапувања на енергенсите и електирчната енергија, цената на лебот е зголемена за околу 10 проценти од претходната цена во малопродажните објекти“, истакнува Малишиќ.

Тој потсетува дека зголемувањата на цените почнаа од октомври лани поради наглото поскапување на пченицата, брашното, електричната енергија, нафтата и гасот.

„Пред оваа светска криза цената на пченицата се зголеми за 100 проценти, како и на брашното, на електричната енергија за 1 000 отсто, на нафтата за 90 проценти, а на гасот за 300 отсто. Ако лани пред октомври обичниот бел леб, сечен и несечен, се продаваше од 24 до 28 денари, денес, по сите овие зголемувања, истиот тој леб се продава за 45 до 55 денари или цената е зголемена за околу 100 отсто зависно од секоја компанија поединечно.

Но, и оваа цена не е соодветна ако се земат предвид сите зголемени трошоци кои претходно ги наведов поради што пекарниците се соочуваат со загуби и најважно, со недостиг на средства да ги обноват своите залихи навреме за да продолжат со производството со исто темпо“, нагласи претседателот на Групацијата.

Поради лошиот принос на пченицата во квалитет и квантитет кој е помал за 25 отсто од жетвата лани, додава Малишиќ, мелничарите се принудени на зголемен увоз.

„Во моментот се увезува пченица од Србија, од Унгарија и од Хрватска со цени од околу 21 денар за обичната меркантилна пченица и до 28 денари за премиум пченици кои се користат како подобрувачи или за специјално производство. Исто така, се прават напори да се увезе и од Украина, но во меѓувреме, откако се договорија со Русите за извоз, ги зголемија цените на пченицата. Увозот сега е слободен од горенаведените земји се додека тие сами не одлучат да стават забрана за извоз. Затоа, ние сме соочени како мелници со зголемена потреба од обртни средства како би набавиле што повеќе пченица од увоз, како би ги покриле потребите на граѓаните и индустријата во случај на повторно затворање на границите за пченицата, за кое затворање веќе некои држави најавија дека е можно од 30 септември, како на пример Србија“, истакнува Малишиќ.

За досегашните мерки што ги реализира Владата, Малишиќ потврдува дека се донесени во координација со Потсекторската група за жита на Министерството за земјоделство во која членуваат и мелничарите.

Сите мерки што се донесоа беа во координација со министерот и Владата. Мислам на оние како поддршката од 4.000 денари по хектар за ѓубрива и 5.760 денари по хектар без ограничување за принос над три тона за јачмен и четири тона за пченица.

Беше побарано од наша страна да се доделат на земјоделците плус два денара по килограм за предадено и платено производство на пченица во лиценциран откупувач-преработувач за жетвата 2022 за тие земјоделци да посеат повеќе во октомври и ноември со поквалитетен семенски материјал и подоби ѓубрива, за следната жетва во 2023 година да биде со подобар и поквалитетен принос.

За ова барање не наидовме на согласност, а за него Владата би требало да одобри околу три милиони евра повеќе субвенции кон земјоделците. Па, еве уште еден апел, а има се уште и време, да се доделат овие два денара на земјоделците за предадената и продадена пченица, како поттик уште повеќе да насеат за да се намали зависноста од увозна пченица, вели тој.

Leave a Reply

Your email address will not be published.